Оваа зима нема да донесе долготрајни екстремни студови, но ќе биде обележана со повремени студени бранови и изразена временска променливост, покажуваат најновите сезонски климатски очекувања за земјава. Според анализите, средната зимска температура ќе биде за околу +1°C повисока од повеќегодишниот просек, што укажува на умерено потопла зима од вообичаеното.
Студени бранови со температури околу или под нормалните вредности се најверојатни кон крајот на декември и до средината на јануари, како и во завршницата на февруари. Сепак, според синоптичарите, нема индикации за долготрајни или екстремни зимски студови кои би траеле подолг временски период.
Климатскиот осврт, изработен од професорот Владо Спиридонов од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, покажува дека претстојната зима ќе биде претежно променлива и умерено топла во споредба со климатскиот просек за периодот 1991–2020 година.
Во пониските предели, како Скопје и Штип, се очекуваат средни зимски температури од 1 до 4°C, што е во рамките или нешто над нормалните вредности (Скопје 1,1–2,4°C, Штип 1,6–3,1°C). Во планинските подрачја, како Маврово, средната температура ќе се движи од 0 до –3°C, што е нешто повисоко од вообичаените вредности од –2 до –0,4°C. Бројот на мразни денови ќе изнесува меѓу 30 и 55 во низините и од 60 до 75 во планинските области, додека ледените денови ќе бидат релативно ретки во котлините (5–15), но значително почести на планините (25–40).
Анализата, изработена врз основа на сезонските прогнози на ECMWF и UKMO, посочува дека врнежите ќе бидат нерамномерно распределени и по региони и по време. Снежните врнежи ќе бидат најизразени во планинските делови, особено во западна и северна Македонија, вклучувајќи ги Шар Планина, Бистра и Маврово, Баба и Јакупица. Во пониските котлини, снежната покривка ќе биде повремена и нестабилна, со чести премини од дожд во снег и обратно.
Во првата половина од зимата се очекува честа измена на високопритисочни гребени и нископритисочни системи, што ќе придонесе за динамично време. Во втората половина, синоптичарите најавуваат помала атмосферска динамика и постепен тренд на бавно опаѓање на притисокот кон крајот на март. За време на стабилните антициклонални периоди, особено во котлините, ќе се создаваат услови за температурни инверзии, магла и застој на воздухот, што може да доведе до значително влошување на квалитетот на воздухот, со можни епизоди на високи концентрации на аерозагадувачки материи, особено во Скопската, Полошката и Струмичката котлина.
Од хидролошки аспект, не се очекуваат екстремни сценарија, но постои умерен ризик од локални поплави, најмногу при интензивни врнежи комбинирани со нагло топење на снегот. Овие услови се најверојатни кон крајот на февруари и во текот на март.
Како што се наведува во анализата, ваквите временски услови ќе имаат влијание врз повеќе сектори. Енергетиката може да се соочи со варијабилна побарувачка и ризици од мраз и влажен снег, транспортот со снежни блокади, голомразица, одрони на планинските превои и појава на лавини, здравството со последици од загадениот воздух, а земјоделството со ризици од мраз и свлечишта.
Во заклучок, професорите Спиридонов и Милевски оценуваат дека зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, динамична и со изразени краткотрајни зимски настани. Главните ризици произлегуваат од честата временска променливост, интензивните врнежни епизоди, снежните бури во планинските региони и периодите со многу лош квалитет на воздухот во котлините, при што навременото следење на прогнозите и координацијата меѓу институциите ќе бидат од клучно значење за намалување на можните штети.
















