ПРВ.мк
Македонија

ПИОМ донесе вечерва важна одлука: Посмртнината се зголемува – ова е новиот износ што ќе се исплаќа!

ПИОМ донесе вечерва важна одлука: Посмртнината се зголемува  – ова е новиот износ што ќе се исплаќа!
Kristal

Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) ја одржа својата 28-ма седница, на која беа донесени повеќе значајни одлуки од надлежност на Фондот, кои директно ги засегаат пензионерите и функционирањето на институцијата.

Со седницата раководеше заменик-претседателот на Управниот одбор, Игор Китаноски, кој на самиот почеток му даде збор на директорот на Фондот, Никола Мемов. Директорот ги информираше членовите за сите активности што биле реализирани во периодот помеѓу двете седници на Одборот.

Мемов истакна дека секојдневните и редовните активности на Фондот се одвиваат стабилно, без застои или проблеми, нагласувајќи дека исплатата на ноемвриските пензии е извршена навреме, односно на први декември, согласно утврдената динамика.

Дополнително, директорот ги запозна членовите на Одборот со меѓународната соработка, потенцирајќи дека во периодот од 16 до 18 декември годинава била реализирана работна средба со Фондот на ПИО на Црна Гора. На оваа средба било разговарано за досегашната примена на Договорот за електронска размена на податоци меѓу двете институции, како и за Техничкиот протокол за негова имплементација, кои беа потпишани во февруари оваа година. Според Мемов, биле разгледани и следните чекори што треба да се преземат со цел дополнително унапредување на соработката и зголемување на размената на податоци меѓу двете земји.

Особено внимание на седницата привлече информацијата што ја изнесе членката на Управниот одбор, Станка Трајкова. Таа соопшти дека Регистрираната организација за Солидарен фонд донела одлука за зголемување на задршката за посмртна помош од пензиите, која наместо досегашните 140 денари, отсега ќе изнесува 150 денари. Истовремено, беше донесена одлука и за зголемување на средствата што се исплаќаат како посмртнина – од досегашните 35.000 денари на 40.000 денари.

Покрај ова, Управниот одбор ја усвои Стратегијата за внатрешна ревизија за периодот 2026–2028 година, како и Планот за внатрешна ревизија на Единицата за внатрешна ревизија во Фондот за 2026 година, со што се поставуваат насоки за унапредување на контролата и транспарентноста во работењето.

На седницата беа донесени и одлуки од организациски и кадровски карактер. Меѓу нив е одлуката за доделување деловен простор на користење на Здружението на пензионери од Дојран, како и одлука за распишување конкурс за именување заменик-директор на Фондот, при што беше формирана и конкурсна комисија за спроведување на постапката.

Управниот одбор разгледа и повеќе информативни точки, меѓу кои извештај за резултатите од спроведените активности поврзани со регистрацијата на податоците, како и детална информација за поднесените и остварените права на старосна пензија во периодот од 1 јануари до 10 декември 2025 година.

FixCredit
Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape