Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека САД извршиле воздушни напади врз позиции на Исламска држава на северозападот на Нигерија, откако групата била поврзана со серија напади врз цивилното население.
„По моја наредба како врховен командант, Соединетите Држави извршија силен и смртоносен удар врз терористичкиот олош на Исламска држава на северозападот на Нигерија“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. Тој додаде дека милитантите насилно убивале невини цивили, особено христијански заедници, и дека сега „ја платиле цената“.
Од Командата на американската војска за Африка (AFRICOM) истакнаа дека операцијата била спроведена на барање на нигериските власти, при што повеќе милитанти биле убиени, без да се објави точен број.
Американските напади следат по серија предупредувања од Трамп, кој претходно тврдел дека христијанството во Нигерија се соочува со „егзистенцијална закана“ и дека САД можат да интервенираат доколку нигериската држава не го сопре насилството.
Нигериската влада, пак, нагласува дека вооружените групи напаѓаат и муслимани и христијани, истакнувајќи дека прикажувањето на конфликтот како верски не ја одразува целата сложеност на безбедносната ситуација. Сепак, Нигерија најави засилена соработка со САД во борбата против екстремистичките групи.
Нигерија, со мнозинско муслиманско население на север и христијанско на југ, во последните години се соочува со сериозни безбедносни предизвици, вклучувајќи дејствување на Исламска држава и други вооружени групи.
















