Пожарот во Националниот парк „Јасен“ продолжува да се шири и сериозно ја загрозува областа, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Огнот на едно место се искачи до гребенот, но благодарение на брзата интервенција, неговото понатамошно ширење беше запрено.
Ангелов истакна дека огнот се приближил кон зелениот пат, кој претставува клучна линија на одбрана за да се спречи преминување на огнената стихија од другата страна. На терен се ангажирани вработени од Јавното претпријатие „Јасен“, пожарникари од Македонски Брод и возачи на специјалните возила „пинцгауер“ на ДЗС.
Директорот потсети дека пожарот повторно се активирал и дека слабиот дожд од претходниот ден не бил доволен за целосно гаснење, што ја отежнува контролата на ситуацијата. Состојбата бара итна и континуирана интервенција за да се заштити природното богатство на паркот и околните населби.