Иако утрото ќе започне со сончеви зраци и релативно пријатни температури, до пладне уживајте во убавото време, затоа што од северозапад ни се приближува нов влажен и постуден воздушен бран кој ќе го промени времето во текот на денот.
Според метеоролошките прогнози, брзата промена ќе започне во понеделник попладне, кога облачноста ќе се зголеми, а во вечерните часови и во текот на ноќта кон вторник, како и во вторник (4 ноември), се очекуваат повремени локални врнежи од дожд.
Дождот на места ќе биде поинтензивен, со количини кои може да достигнат и до 15 литри на квадратен метар, особено во западните и северните предели од земјата.
Покрај влажниот бран, ќе се почувствува и пад на температурите, а во вторник ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој дополнително ќе го засили впечатокот на студ.
Во следните денови се очекува променливо време со периоди на облачност и повремени врнежи, па граѓаните се советуваат да не ги забораваат чадорите и потоплата облека, бидејќи есента конечно реши да покаже дека е на своето место.
















