Рускиот претседател Владимир Путин издал строга наредба до своите сили – до 15 ноември мора да бидат освоени Покровск, Мирноград и целата околна област во Донбас. Според извештаите од фронтот, руските трупи веќе контролираат околу 60% од Покровск, а на теренот се водат жестоки и крвави борби со украинските специјални единици под команда на Кирило Буданов.
Според поранешниот украински генерал Никола Маломуж, овој потег на Путин не е само воена, туку и политичка демонстрација на сила, насочена кон руската јавност и меѓународната сцена – особено во контекст на недамнешните дипломатски активности и контактите меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг.
Извори од фронтот тврдат дека Русија распореди околу 17.000 војници со цел да го опколи Покровск и да ги пресече украинските линии на снабдување. Од украинска страна, претседателот Володимир Зеленски изјави дека „Покровск е приоритет“, нагласувајќи дека таму се испратени елитни единици за одбрана.
Руското Министерство за одбрана објави дека уништува украински специјалци кои биле спуштени со хеликоптери во зоната на борбите, но Киев го демантира тоа и тврди дека руските извештаи се дел од пропагандна кампања.
Командантот на украинската армија, Олександар Сирски, потврди дека нема целосно опколување на градот, но призна дека ситуацијата е „исклучително тешка“ – сите патишта за снабдување се под постојан руски оган, што ја прави одбраната речиси невозможна.
Според Американскиот Институт за проучување на војната (ISW), Покровск моментално се наоѓа во „сива зона“, каде што половина од градот е под руска контрола, а жестоките борби продолжуваат со несмален интензитет.
Ситуацијата на фронтот во Донбас останува една од најкритичните од почетокот на војната, а исходот во наредните 12 дена може да има огромно геополитичко влијание врз понатамошниот тек на конфликтот.
















