Во ноќта меѓу сабота и недела, во селото Долно Количани во општина Студеничани, се случил инцидент кој предизвикал вистинска паника меѓу жителите. Околу 21 часот, полициски службеници кои биле на терен забележале маж како стои со група луѓе и во еден момент испукува неколку куршуми во воздух од пиштол, пред очите на присутните.
Според официјалните информации на СВР Скопје, полицијата веднаш реагирала и му го одзела оружјето на осомничениот, но кога се обиделе да го приведат, толпата која била околу него почнала да пречи и да ги спречува службениците во извршувањето на должноста. Во настанатиот хаос, вооруженото лице успеало да побегне и да се сокрие.
Властите потврдија дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање и апсење на осомничениот, како и целосно расчистување на случајот.
Инцидентот предизвика вознемиреност во населбата, а жителите бараат поголема безбедност и построги санкции за вакви постапки кои, како што велат, можеле да завршат со трагични последици.















