Жителите на скопската населба Карпош 4 живеат со страв секојдневно поради агресивна глутница кучиња која се појавила во нивното маало уште од летото. Според сведоштва на граѓаните, кучињата трчаат по луѓе и напаѓаат, што ги прави прошетките и излегувањата од дома ризични.
„Со детето и кучето во раце бегав кон влезот од зградата за да не бидеме нападнати“, раскажува жителка на населбата, која објаснува дека и покрај љубовта кон животните, ситуацијата го загрозува нивното чувство на безбедност.
Граѓаните тврдат дека поднеле неколку пријави до ЈП „Лајка“ и Општина Карпош, но дека реакција нема веќе месеци. Тие бараат итна и хумана интервенција за заловување и соодветно третирање на глутницата.
Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, потврдува дека проблемот е сериозен и дека кучињата се диви, што го отежнува нивното заловување. „Досега заловивме 8 кучиња, но тие се размножија и повторно се агресивни. Веднаш ќе преземеме сите мерки за да ја разбиеме глутницата и да ги заштитиме жителите“, вели Пешева.
Жителите апелираат за брза акција, за да се овозможи безбедност при излегување од дома и да се намали ризикот од напади.

















