Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е подготвена повторно да обезбедува нафта и гас за европските земји, доколку постои интерес за долгорочна и стабилна соработка. Тој истакна дека Русија отсекогаш била сигурен снабдувач и никогаш не одбила соработка со европските партнери.
„Доколку европските компании и купувачи се насочат кон долгорочна и одржлива соработка без политички притисоци, ние сме подготвени. Никогаш не сме одбиле соработка со Европејците“, рече Путин на состанок посветен на состојбата на пазарот на нафта и гас.
Путин додаде дека руската влада анализира дали дел од испораките за Европа е поисплатливо да се пренасочат кон други пазари, во услови кога Европската Унија планира целосно да го прекине увозот на руски гас до 2027 година.
„Не треба да чекаме вратата да ни биде тресната пред лицето. Треба навреме да ги пренасочиме тие количини од европскиот пазар кон други, поатрактивни дестинации“, посочи рускиот претседател.
Тој истакна дека Русија ќе продолжи да испорачува нафта и гас кон земјите што ги смета за сигурни и стабилни партнери на енергетскиот пазар, оставајќи отворена опцијата за нови долгорочни договори со заинтересираните европски компании.


















