Првиот ден од новата година носи охрабрувачки метео-најави. Славчо Попоски информира дека кон крајот на неделата Македонија конечно ќе добие врнежи од дожд и снег, како резултат на засилена циклонска активност западно и северозападно од земјава, со центар над Џенова, во комбинација со студена воздушна маса од север.
Во петок, 2 јануари, особено во западните делови се очекуваат врнежи. Во градовите ќе има дожд и снег, додека на повисоките населени места и на планините врнежите ќе бидат исклучиво од снег, со формирање снежна покривка која може да надмине 15 сантиметри. Во дел од западните градови повремено е можно и паѓање на влажен снег.
И во Скопје и околината во петок се прогнозираат повремени врнежи – дожд или мешани врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, на моменти засилен ветер од јужен и југозападен правец.
Утринските температури низ земјава ќе се движат од -10 до -3 степени, а на повисоките места и на планините повторно се можни вредности под -10 степени. Во Скопје наутро се очекуваат околу -5 до -6 степени. Максималните дневни температури ќе се искачуваат од -1 до 7 степени, додека во главниот град ќе достигнат околу 3 до 4 степени.















