Со одлука на Владата, Македонија влегува во нова голема задолженост за набавка на електрични автобуси, финансирана преку кредит од Унгарија. Планот предвидува Скопје да добие 100 нови електрични автобуси, додека уште 50 ќе бидат распределени низ останатите општини во државата.
Набавката е дел од стратешкиот договор „Влада со влада“ меѓу македонската и унгарската влада, модел што веќе беше применет и кај претходниот кредит од една милијарда евра. Условите се идентични: рок на отплата од 15 години, грејс-период од три години и фиксна каматна стапка од 3,25 проценти на годишно ниво.
Иако Владата не соопшти официјална цена за целокупниот проект, проценките базирани на јавно достапни податоци покажуваат дека вкупниот износ ќе се движи помеѓу 100 и 170 милиони евра. Во оваа сума е вклучена и каматата што државата ќе ја плаќа во текот на годините.
Проектот се претставува како чекор кон еколошки јавен превоз и модернизација на автобускиот возен парк, но во јавноста веќе се отвора дебата за вистинската цена на ваквата „зелена“ инвестиција и новото задолжување. Прашањето што останува отворено е колку навистина ќе чини електричниот пресврт – и колку долго граѓаните ќе го отплаќаат.

















