Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно стави до знаење дека во текот на оваа година нема да има избори во Македонија, нагласувајќи дека Владата е целосно фокусирана на спроведување на реформите и воведување ред во државата.
„Нема да имаме избори оваа година. За да немаме дилема, бидејќи често пати дел од вас ме прашуваат дали ќе имаме избори, еве самата оваа амбициозна агенда вели дека нема да имаме избори, затоа што сме фокусирани на реформа и воведување ред во државата“, порача Мицкоски.
Изјавата беше дадена на денешниот брифинг за Реформската агенда со амбасадори на земјите членки на Европската Унија, кои се резидентни во земјава. Премиерот посочи дека Владата започнува циклус на средби и брифинзи со европските дипломати со цел подобро да ги доближи активностите што ги презема Владата во рамки на Реформската агенда.
„Ќе имаме можност да отпочнеме еден циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската Унија, кои што се резидентни во нашата земја, и ценам дека на овој начин можеме поблиску да ги доближиме активностите кои што како Влада ги правиме, а се поврзани со Реформската агенда“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека дел од реформите веќе се реализираат, но дека постојат и чекори кои, од објективни причини, нема да можат да се спроведат во предвидените рокови, за што навремено се информирани и претставниците на меѓународната заедница.
„Како Влада кога бевме избрани пред неполни 20 месеци, имавме индикативна листа на чекори кои требаше да ги реализираме. Првата година и половина беше посветена на одобрување, усвојување и усогласување со ЕУ. Потоа започна реализацијата, но со распишувањето на локалните избори, поради нашето законодавство и фактот што Парламентот беше во техничка форма, имавме неколкумесечна пауза“, објасни премиерот.
Според него, веднаш по локалните избори, од ноември, Владата интензивно продолжила да работи на Реформската агенда и на оние чекори кои реално можат да се реализираат.
„Тоа што можеме да го испорачаме – ќе го испорачаме. Тоа што не можеме, отворено ќе кажеме зошто не можеме. Не сакаме да бидеме Влада што едно ветува, а друго прави. Подготвени сме секогаш за искрен дијалог со нашите партнери, особено со ЕУ“, нагласи Мицкоски.
Премиерот посочи дека фокусот годинава ќе биде ставен на клучни проекти и закони, меѓу кои проектот „Безбеден град“, борбата против криминалот и корупцијата, како и законските решенија што директно влијаат врз здравјето и безбедноста на граѓаните.
„Работиме на Законот за пушење во соработка со сите засегнати страни – угостителството, туризмот, производителите. Очекувам во наредните недели да дојдеме до решение што ќе биде прифатливо за сите. Тука се и Законот за игри на среќа, како и законите од областа на правосудството – дел веќе се усвоени, дел ќе бидат на дневен ред на следната владина седница“, рече Мицкоски.
На крајот, тој порача дека Владата има јасна цел – да ја заврши реформската агенда и да ја „напише домашната задача“.
„Оваа година имаме навистина амбициозна реформска агенда што сакаме да ја заокружиме. Нашата задача е да го сработиме нашиот дел, а потоа топката е кај земјите членки на Европската Унија“, истакна премиерот.

















