Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за француската телевизија „Франс 2“ упати сериозни предупредувања за иднината на Украина, оценувајќи дека војната со Русија е директна закана за опстанокот на државата. И покрај тоа, тој изрази надеж дека мирно решение е можно и дека конфликтот би можел да заврши за помалку од една година.
Зеленски нагласи дека пораз во војната би значел губење на украинската независност – сценарио кое го опиша како катастрофално и неприфатливо. Според него, станува збор за егзистенцијална борба, но Украина и понатаму остава простор за дипломатија, доколку таа не го загрозува суверенитетот на земјата.
Тој откри и дека од почетокот на инвазијата постојано живее под безбедносни закани, тврдејќи дека Русија неколкупати се обидела да го елиминира. Со текот на времето, вели, стравот исчезнал и опасноста станала дел од неговото секојдневие.
Најмногу реакции предизвика неговата изјава за рускиот претседател Владимир Путин. Зеленски тврди дека лидерот на Кремљ не се плаши од европските држави, туку само од еден човек – американскиот претседател Доналд Трамп. Според него, тоа е факт што јасно се гледа во меѓународните односи.
Иако Вашингтон сака да ја заврши војната преку компромис, Зеленски потенцираше дека Украина нема да прифати договор што би ја довел во прашање нејзината независност. Тој додаде дека разговори со Москва се можни само доколку притисокот врз Путин биде реален и ефикасен, предупредувајќи дека празни преговори само ја зајакнуваат позицијата на Кремљ.

















