Патниците што влегуваат во Шенген-зоната се соочуваат со сериозни доцнења и долги редици поради воведувањето на системот за електронски влез и излез (ЕЕС), кој бара регистрација на отпечатоци и фотографија во биометриски киосци. Иако процедурите се едноставни на хартија, во пракса тие создаваат конфузија, застој и хаос, особено во шпицовите на сообраќајот – на пример, на аеродромот во Лисабон времето на чекање достигнало и до седум часа.
Технолошката амбиција на ЕУ за поголема безбедност и следење на посетителите не оди секогаш рака под рака со човечката и логистичката подготовка. Поради тоа, Европската комисија одлучи воведувањето на ЕЕС да се одложи до септември 2026 година, за земјите членки да имаат време да ја усогласат безбедноста со оперативната практичност.
Македонскиот и регионалниот транспортен сектор веќе реагираа, посочувајќи дека професионалните возачи не можат да се третираат исто како туристите и дека е потребно одвојување на редиците за нив. По состанокот на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора со Европската комисија, официјално е потврдено дека воведувањето на системот се поместува од април на септември.
Системот ќе ги евидентира биометриските податоци, личните информации и датумите на патувања, со цел подобрување на граничната безбедност, спречување прекршување на правилото за 90-дневен престој и кражба на идентитет. Доколку системот не функционира, ќе се користат привремени алтернативни процедури, како рачно евидентирање или печат.
ЕЕС веќе функционира во САД, Канада и Австралија, но реалниот тест на терен покажува дека и најдобрата технологија не може да го замени човечкиот капацитет и подготвеност.

















