Нов корупциски скандал произлезе од истрагата за аферата со нелегалниот ботокс, откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори нова истражна постапка против двајца здравствени работници, осомничени дека посредувале и примале поткуп за полагање стручни испити во областа на стоматологијата.
Под истрага се доктор по стоматологија, кој воедно е и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, како и претседателот на Испитната комисија за полагање стручен испит за здравствени работници од областа на стоматологијата.
Според Обвинителството, случајот бил откриен по анализата на телефонските комуникации од претходно одземени мобилни телефони во рамки на истрагата за организирана група поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на ботокс и медицински помагала.
Истражителите се сомневаат дека жена, која веќе е опфатена во истрагата за аферата со ботоксот, му дала парична награда на стоматологот за да го искористи своето влијание и да ѝ обезбеди успешно полагање на стручниот испит.
Од Обвинителството информираат дека првоосомничениот се товари за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, додека второосомничениот, кој бил претседател на испитната комисија, е осомничен за „примање поткуп“.
Според досега обезбедените докази, по успешно положениот испит стоматологот ѝ ги доставил на кандидатката податоците од својата трансакциска сметка, по што таа извршила уплата како награда за посредувањето.
Обвинителството наведува дека дел од добиените пари потоа му биле предадени на второосомничениот, кој, според сомнежите, учествувал во реализацијата на договорот.
Во текот на денот двајцата осомничени треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Надлежниот јавен обвинител ќе побара да им бидат определени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на кривичната постапка, додека истрагата продолжува со цел да се утврди дали во случајот има и други инволвирани лица или дополнителни незаконски дејствија.








