ПРВ.мк
Македонија

Скандал во Битола: Наставник работел цела година – а веќе бил отпуштен!

Скандал во Битола: Наставник работел цела година – а веќе бил отпуштен!

Неверојатен случај доаѓа од Битола, каде наставник по ликовно образование речиси цела учебна година одел на работа без да знае дека веќе не е вработен. Стефан Поповски редовно држел настава, водел евиденција, внесувал оценки во е-дневникот и учествувал во сите училишни активности, како и останатите наставници, но без да биде свесен дека му бил прекинат работниот однос.

Тој бил ангажиран во три училишта со цел да го пополни фондот на часови, а во едно од нив – подрачното училиште во Горно Оризари – држел неколку часа неделно. Иако редовно доаѓал на работа, учествувал на наставнички совети и работел со учениците, подоцна открил дека уште од јануари 2025 година не се наоѓа на платниот список и нема активен договор.

Поповски вели дека за ова дознал случајно, откако забележал неправилности во исплатата на платата. При проверка, му било соопштено дека повеќе не фигурира како вработен. Дополнително, му бил доставен документ за наводен отказ, кој тој тврди дека никогаш не го добил ниту потпишал.

Ситуацијата станала уште посложена кога, откако побарал објаснување и исплата на заостанатите средства, му бил забранет влез во училиштето. Тој сега го поставува прашањето дали оценките што ги дал на учениците се валидни, со оглед на тоа што формално не бил вработен.

Наставникот најави дека правдата ќе ја бара на суд, а случајот веќе го пријавил и до надлежните институции. Општината најави проверка на наводите и можни мерки доколку се утврдат неправилности.