Заплената на неверојатни пет тони марихуана во Србија, во близина на Крушевац, отвори лавина сомнежи што директно водат кон Македонија. Истражните органи тврдат дека дрогата потекнува од нашата земја, а тоа ја разнишува довербата во целиот систем за производство на медицински канабис.
Станува збор за количина што не може да биде резултат на поединечна злоупотреба. Напротив – ваков обем упатува на добро организирана мрежа, со можни врски длабоко вгнездени во институциите. Она што дополнително ја вжештува јавноста е спомнувањето на скопската фирма „Алфафарм“, регистрирана за легално производство на медицински канабис.
Според информациите од истрагата, еден од осомничените – Иван Драгниќ – е ко-сопственик на компанијата, што повторно го отвора клучното прашање:
Дали дел од лиценцираните фирми служат како параван за нелегален извоз на марихуана?
Ова не е изолиран случај. И во минатото јавноста беше сведок на слични афери поврзани со канабис-индустријата, но конкретна одговорност ретко следеше. Токму затоа, актуелниот случај е аларм дека контролниот механизам очигледно потфрла.

















