Поранешната новинарка на „А1“, Менче Точи, излезе со сериозни обвинувања дека била под директен притисок да не објавува истражувачка сторија поврзана со испраќање мозочно ткиво од починати пациенти од Македонија во САД.
Според нејзиното сведоштво, проектот бил предводен од професорот Горазд Росоклија, светски признат медицински експерт кој со години работи на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Точи тврди дека кога дошла до неговото име како носител на проектот, тој одбил да соработува и во повеќе наврати ѝ сугерирал да се откаже од објавување.
„Имав подготвено неколку страници текст, но поради притисоците се повлеков и ја стопирав сторијата“, изјави Точи во емисијата „Топ тема“ на „Телма“.
Таа раскажа и за лична средба со професорот во Скопје, каде, како што вели, ѝ било објаснувано дека проектот е целосно исправен, дека станува збор за научен напредок и дека јавноста нема потреба да знае повеќе. Токму тоа, според неа, било најзагрижувачко.
Од друга страна, Росоклија во кратка изјава за „Телма“ посочи дека станува збор за истражувачки грант од 1996 година, одобрен од сите релевантни етички комисии, со писмена согласност од семејствата на починатите лица. Тој категорично негира каква било злоупотреба.
Случајот повторно се актуелизира откако неговото име се појави во документи поврзани со аферата „Епстин“, што дополнително ја разгоре јавната дебата.

















