Македонската јавност е длабоко вознемирена по откривањето на тежок случај на трговија со дете, во кој се осомничени пет лица, меѓу кои и полнолетно лице кое било во емотивна врска со жртвата. По предлог на Јавното обвинителство, на сите осомничени им е определена мерка притвор.
Како што информира Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, случајот бил откриен по кривична пријава поднесена од Националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе при Министерството за внатрешни работи.
Според досегашните наоди од истрагата, првоосомничениот во период од есента 2023 до крајот на 2024 година, во Тетово, воспоставил емотивна врска со тогаш 15-годишно девојче, при што ја злоупотребил довербата и нејзината ранлива положба. Обвинителството наведува дека осомничениот постепено воспоставил целосна контрола врз малолетничката, доведувајќи ја во состојба на зависност и неспособност самостојно да донесува одлуки.
Со користење различни форми на принуда и манипулација, тој ја вовлекол жртвата во состојба на сексуална експлоатација, со цел стекнување противправна имотна корист. На уште четири осомничени, како и на други засега неидентификувани лица, им било овозможено да користат сексуални услуги од малолетничката, иако, според обвинителството, тие знаеле или морале да знаат дека станува збор за дете-жртва на трговија со луѓе.
Јавниот обвинител оценил дека постои опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото, поради што до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје бил доставен предлог за определување притвор за сите осомничени, кој судот го прифатил.
Од Обвинителството нагласуваат дека по поднесувањето на обвинението, судската постапка ќе се води без присуство на јавноста, со цел заштита на малолетната жртва.
Надлежните институции најавуваат продолжување на истрагата, како и преземање дополнителни мерки за целосно расветлување на случајот и идентификување на сите можни инволвирани лица.















