Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека земјава треба да се посвети на реформите не заради „политичката волја“ за уставни измени, туку заради владеење на правото. Таа го истакна ова на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
Сиљановска-Давкова посочи дека забелешките за наводен недостаток на политичка волја не се издржани, бидејќи земјава досега манифестирала енормна спремност за спроведување на барањата на ЕУ. Таа нагласи дека процесот на евалуација од страна на Европската комисија заслужува преиспитување, бидејќи досегашните 16 извештаи покажуваат цикличен, а не линеарен прогрес, што укажува дека оценките често се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот.
„Годинешните оценки се под влијание на барањата за уставни измени“, рече претседателката, додавајќи дека наметнатите дополнителни услови кои го попречуваат европскиот пат на земјата не се во согласност со темелните вредности и принципи на Унијата, кои предвидуваат почитување на уставните структури на државите.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова се осврна и на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени. Таа ја доведе во прашање и констатацијата од Извештајот за позиционирањето на жените на изборните листи, истакнувајќи дека законската гаранција за родово неутрална квота ја обезбедува нивната репрезентативност.
Претседателката ја потенцираше уникатноста на ЕУ како политичка филозофија, која ужива поддршка кај јавноста, мотивира демократски реформи и стимулира промени што водат кон траен мир и стабилност на Западниот Балкан. Таа додаде дека интеграцијата на регионот во Унијата би ставила крај на „балканизацијата“, но предупреди дека ЕУ сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди.
На седницата се обратија евроамбасадорот Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата, кои ги изнесоа своите гледишта за годинешниот извештај на Европската комисија.
















