Куќната слава отсекогаш имала особено место во македонската традиција – ден кога семејството се собира околу свеќата, житото и колачот, оддавајќи почит кон светецот заштитник. Меѓу најпочитуваните празници е токму Свети Архангел Михаил, кого народот го смета за моќен заштитник и исцелител.
На 21 ноември, Македонската православна црква го одбележува Соборот на Свети Архангел Михаил и останатите бестелесни сили – еден од најзначајните празници во црковниот календар. На иконите е претставен како небесен воин со меч или копје, па затоа народното верување вели дека тој е оној што ја зема човечката душа кога ќе дојде нејзиниот час.
Во народната традиција, Архангел Михаил се слави во есен – време кое се смета за тежок период од годината. Според старите кажувања, светецот во овој период шетал незабележливо низ светот, облечен како сиромав патник, за да ги укори неверните и да им помогне на оние што страдаат.
Особено интересно е древното верување поврзано со времето: какво ќе биде на Денот на Архангел Михаил, таква ќе остане целата зима, па дури и дел од пролетта. Старите велеле дека ако на овој ден падне снег – претстои долга, студена и сурова зима.
Според црковните преданија, Архангел Михаил е првиот што се спротивставил на паднатиот ангел и затоа неговото име се толкува како „оној кој е како Бог“. Народните верувања додадоа уште една симболика: кога ангелот ќе го посети болниот, ако застане кај нозете – исходот е лош, но ако се појави кај главата – болниот ќе оздрави.
Празникот отсекогаш се славел во истиот период бидејќи, според преданието, токму на Архангел Михаил му било доверено есенското и зимското време – период полн со тешкотии. Се верува дека токму тогаш тој патува низ светот, облечен како просјак, за да им помогне на сиромашните и да ги опомене оние што заборавиле на верата.
Трпезата на овој ден е различна од година во година – ако празникот се паѓа во среда или петок, се пости. Оваа година се паѓа во петок, па според традицијата трпезата треба да биде посна. Секогаш е задолжително да има варено жито, како потсетник за сите упокоени и како почит кон светците.
Од длабоката древност, ангелите биле почитувани, но понекогаш и погрешно обожувани. Поради тоа, уште во IV век Црквата го воспоставила правилниот начин на нивно чествување. Празникот бил поставен во месец ноември затоа што тој е деветтиот по март – месец што се сметал за почеток на создавањето. Деветтиот месец симболично ги претставува деветте ангелски чинови, кои Свети Дионисиј Ареопагит ги опишал во делото „За небесната Јерархија“. Архангел Михаил е водачот на небесната војска која, според преданието, застанала против Луцифер кога тој паднал од Божјата благодат.
Се верува дека секој народ има свој ангел чувар, а исто така и секој човек. Поради тоа, се потсетува дека сите наши постапки – видливи и скриени – се одвиваат пред погледот на нашиот ангел пазител. Според духовните учења, на Страшниот Суд сите ангелски чинови ќе застанат околу Христовиот престол, каде ќе бидат откриени делата на секој човек.
На денешниот ден именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други што го носат ова име.
















