Интензивните врнежи од дожд во изминатите 24 часа предизвикаа вистински потоп во неколку региони на Македонија, а најмногу погоден беше Претор, каде што УХМР регистрираа дури 66 литри на метар квадратен.
Високи количества врнежи се измерени и на други места: Крушево – 37 литри, Битола – 30 литри, Прилеп – 26 литри, Маврови Анови – 25 литри. Над 20 литри дожд наврнале и во Тополчани, Пожаране и Виница (по 24 литри), како и во Крива Паланка (23 литри). Во главниот град, Скопје, измерени се 4 литри на Зајчев Рид и 5 литри во Петровец, додека најмалку врнежи имало во Гевгелија – само 3 литри.
УХМР најавува дека променливото облачно време со повремени локални врнежи ќе продолжи и денеска, со можност за пообилни врнежи, невреме, грмежи и силен ветер.
Во текот на денот ќе дува умерен до засилен јужен ветер, со брзина што на моменти може да надмине 60 километри на час. Максималните дневни температури ќе се движат од 13 до 19 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи во делови од котлината, умерен до повремено засилен јужноисточен ветер и дневна температура до 17 степени.
















