Еден работник на возраст од 34 години од Крива Паланка загина, а четворица се повредени при несреќа на градилиште во скопската општина Кисела Вода, каде се изведувале градежни работи за станбен објект.
Според првичните наоди на Државниот трудов инспекторат, на локацијата немало соодветни мерки за заштита од лизгање на земјиштето, што најверојатно придонело за трагичниот исход. Инспекторатот наведува дека состојбата била видлива и на фотографии и видео снимки направени веднаш по несреќата.
Во тек е втор увид на терен, а се очекува и документација од изведувачот и инвеститорот на проектот.
Градилиштето е затворено до завршување на истрагата, а надлежните најавуваат дека градежните работи нема да продолжат додека не се утврдат и спроведат соодветни мерки за безбедност.
Тројца од повредените работници се пуштени на домашно лекување во стабилна состојба, додека четвртиот е опериран и се наоѓа во добра здравствена состојба.
Инвеститор на објектот е фирма поврзана со поранешен градоначалник на општина Аеродром, а градежната дозвола за проектот е правосилна од март годинава.
Надлежните институции најавуваат целосна истрага за утврдување на одговорноста за несреќата.









