Вечерва депонијата покрај стариот пат кон Куманово, во близина на Арачиново, била цел на намерно подметнат пожар, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Според информациите од ДЗС, депонијата е оградена и има влезна врата, која пожарникарите ја затекнале отворена. Во неа имало поголема количина пакуван сончоглед кој горел со интензивен пламен, како и други горливи материјали. Истражителите веруваат дека токму запалениот сончоглед предизвикал ширење на огнот на дел од депонијата.
Поради насоката на ветерот, непријатната смрдеа од пожарот се шири и во одредени делови од Скопје, предизвикувајќи загриженост кај жителите.
Гаснењето се покажува како комплексно бидејќи обемот на зафатената површина е голем, што го отежнува користењето на вода или пена. Поради тоа, надлежните разгледуваат и можност за затрупување на депонијата, која е под надлежност на Општина Арачиново, за целосно да се стави под контрола пожарот.