Случајот со огромната количина марихуана запленета во Србија добива нов пресврт – десет македонски државјани се најдоа под удар на истрагата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за ТВ21 потврди дека во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција против 10 лица поврзани со случајот.
Според информациите, двајца од осомничените веќе се наоѓаат во притвор, додека останатите се предмет на истражна постапка. Сите се сомничат дека директно или индиректно учествувале во синџирот на производство и транспорт на дрогата која српските власти ја запленија.
Министерот посочи дека постојат основани сомневања оти осомничените биле вклучени во логистиката и преносот на пратката која тежела околу пет тони. Иако деталите сè уште не се целосно објавени, надлежните институции најавуваат проширување на истрагата.
Овој случај веќе предизвика големо внимание во јавноста, особено поради количината на запленетата дрога, која се смета за една од поголемите во регионот.
Надлежните најавуваат дека повеќе информации ќе бидат споделени по официјалното поднесување на пријавата и по понатамошните истражни активности.

















