Во делови од Македонија денеска пристигна вистинска зимска атмосфера, откако падна првиот снег, а од терен веќе пристигнаа и првите фотографии што ја покажуваат снежната покривка.
Како што информираат од Авто мото сојузот на Република Македонија (АМСМ), сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, без поголеми застои или проблеми во одвивањето на сообраќајот.
Утрово е забележана значително намалена видливост поради магла на планинскиот премин Стража, каде што таа изнесува до 50 метри. Во исто време, на Попова Шапка провејува слаб снег, што дополнително ја најавува зимската сезона на повисоките места.
Од АМСМ дополнуваат дека сообраќајот на државните патишта во моментов се одвива непречено и по влажни коловози, а надвор од градските средини интензитетот на возила е умерен.
На граничните премини од македонска страна, според последните информации, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, што овозможува нормално движење на патниците.
Метеорологот Славчо Попоски ги објави првите фотографии од снежната покривка во Македонија, кои брзо го привлекоа вниманието на јавноста и на социјалните мрежи.
Ски-центрите Попова Шапка и Маврово денес, 24 декември (среда), се разбудија под снежна покривка, што е добра вест за љубителите на зимските спортови и на планинските предели.


















