ПРВ.мк
Македонија

Прим. д-р Таше Трпчевски: Безбедноста не е само протокол – таа мора да биде вредност што ја живее целиот медицински тим

Прим. д-р Таше Трпчевски: Безбедноста не е само протокол – таа мора да биде вредност што ја живее целиот медицински тим

На панел-дискусија посветена на безбедноста при работа, стандардите, мерките и инвестициите во здравствените установи, прим. д-р Таше Трпчевски од Болница „Плодност“ зборуваше за значењето на создавањето безбедна и здрава работна средина за медицинските сестри, лекарите и останатите здравствени професионалци.

Според него, безбедноста при работа денес не треба да се гледа само како исполнување законска обврска, туку како составен дел од организациската култура на една современа болница.

Од аспект на раководител и сопственик на Болница „Плодност“, д-р Трпчевски се осврна на мерките, стандардите и практиките што се применуваат во установата, како и на инвестициите направени со цел обезбедување безбедна и здрава работна средина.

Посебен акцент беше ставен на процесот на акредитација и примената на стандардите за квалитет и безбедност, условите за работа, воспоставувањето и почитувањето на протоколите за заштита при работа, личната и колективната заштитна опрема, превенцијата на професионални повреди и заболувања, како и системот за обука и континуирана едукација на вработените.

Трпчевски нагласи дека создавањето здрава работна средина и градењето култура на безбедност директно се одразуваат врз квалитетот на работата, мотивацијата на вработените и безбедноста на пациентите.

Тој сподели и искуства од Болница „Плодност“, каде што се регистрираат и пријавуваат несакани настани и повреди при работа, а установата во вакви случаи постапува превентивно и системски.

Особено значајна беше неговата порака за поддршката на медицинските сестри по инцидент или несакан настан.

Како раководител и сопственик на Болница „Плодност“, Трпчевски посочи дека една од неговите задачи е да создаде систем во кој медицинската сестра ќе може безбедно да ја извршува својата професија и слободно да пријави кога нешто не е во ред или кога се чувствува небезбедно – без страв дека поради тоа ќе има последици.

Таа треба да знае дека ќе биде слушната и дека по пријавувањето ќе следуваат конкретни мерки за нејзината безбедност и заштита.

„Улогата на менаџментот е да создаде работна средина во која безбедноста не е само протокол или документ, туку вредност што ја споделуваат сите членови на здравствениот тим“, истакна Трпчевски.

Тој нагласи дека акредитацијата сама по себе не е доволна за да гарантира безбедна работна средина, туку вистинскиот предизвик е секојдневната примена на стандардите и создавањето култура во која секој здравствен работник ја разбира својата одговорност.

„Затоа кон безбедноста пристапуваме како кон систем кој ги поврзува стандардите, акредитацијата, современата медицинска опрема, условите за работа, заштитата на вработените, континуираната едукација и, пред сè, луѓето. Акредитацијата за нас не е цел сама по себе. Таа е потврда дека една установа мора постојано да ги преиспитува своите процеси, да ги препознава ризиците и да работи на нивно намалување. Вистинската вредност на акредитацијата се гледа тогаш кога стандардите од хартија ќе станат дел од секојдневната пракса“, порача прим. д-р Трпчевски.

Во Болница „Плодност“, според него, се вложува во современа медицинска опрема, соодветни услови за работа, средства за лична заштита, безбедни работни процеси и протоколи, но истовремено и во она што го посочи како најважно – медицинските тимови.

„Можеме да имаме најсовремена опрема, но ако немаме добро обучен, мотивиран и поддржан медицински кадар, таа опрема нема да ја даде својата вистинска вредност. Нашата определба е да инвестираме во лекарите, медицинските сестри и акушерките“, истакна тој.

Пораката од панел-дискусијата беше јасна: во една современа здравствена установа безбедноста не завршува со документ, протокол или акредитација. Таа се гради секојдневно преку одговорност, едукација, услови за работа, поддршка и систем во кој секој член на медицинскиот тим знае дека неговиот глас ќе биде слушнат.