Со изборна порака од Тирана: Стерјовски најави продолжување на борбата за правата на Македонците во Албанија
На централниот плоштад „Скендербег“ во Тирана се одржа првиот изборен митинг на Социјалистичката партија на Албанија, во чија коалиција учествува и Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Лидерот на МАЕИ и кандидат за пратеник, Васил Стерјовски, се обрати на настанот со силна порака: „Продолжуваме заедно – за глас што се слуша, за иднина што ја градиме!“.
Албанските медиуми посветија посебно внимание на присуството на МАЕИ на изборната сцена, потенцирајќи го Стерјовски како единствениот Македонец во трката за пратеничко место. На митингот беа претставени кандидатите за пратеници од сите 12 изборни окрузи во Албанија.
Во нивните извештаи се наведува дека коалицијата претставува „силен тим, обединет од визија за напредна, европска и правична Албанија за сите граѓани“.
МАЕИ, како единствена партија што ги застапува Македонците во Албанија, останува посветена на мисијата за достоинствено претставување и унапредување на правата на македонската заедница преку институционална борба и партнерства на национално ниво.
Настанот беше поддржан од голем број Македонци од различни делови на Албанија, вклучително и од главниот град, кои дојдоа да дадат поддршка на својот политички претставник и партијата.
Да потсетиме, Васил Стерјовски во 2019 година стана првиот пратеник во албанскиот парламент кој отворено се изјасни како Македонец, што претставуваше значаен чекор во борбата за видливост и признание на македонската заедница во земјата.