Пожар што утрово избувна во атарот на општина Дојран сè уште е активен, а надлежните служби продолжуваат со напорите за негово локализирање. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), огнот избувнал околу 10 часот на локацијата Владаја, во непосредна близина на македонско-грчката граница.
На терен интервенираат екипи од Доброволното противпожарно друштво „Дојран“ со две противпожарни возила и пет пожарникари, како и Територијалната противпожарна единица од Гевгелија со специјално возило и тројца пожарникари. За обезбедување на подрачјето ангажирана е и полициска екипа.
Според ЦУК, гори деградирана шума и ниска вегетација, а силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето бидејќи пламенот се шири во повеќе насоки. Иако пожарот се наоѓа во непосредна близина на државната граница, засега нема информации дека огнот се проширил на територијата на соседна Грција.
Пожарот е видлив и од грчката страна на границата, поради што за него веќе известуваат и медиумите од регионот Кукуш. Надлежните служби остануваат на терен и внимателно ја следат состојбата, а доколку временските услови останат неповолни, можно е да бидат ангажирани и дополнителни ресурси за спречување на понатамошното ширење на огнената стихија.
Од институциите апелираат граѓаните да не се приближуваат до зафатеното подрачје и да ги почитуваат упатствата на службите додека трае интервенцијата.







