Американската амбасадорка Ангела Агелер се простува од Северна Македонија по завршувањето на нејзиниот тригодишен мандат и им се обрати на граѓаните со отворено и искрено писмо. Таа ја истакнува силната поддршка на САД и својата вера во храброста и потенцијалот на македонските граѓани.
„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината убавина, богатата историја, традиции, култури и извонредната отпорност на луѓето со изненадувачки хумор дури и во најтешките моменти“, напиша амбасадорката, истакнувајќи ја својата благодарност за гостопримството и несебичната дарежливост на македонските граѓани.
Агелер потсети дека за време на нејзиниот мандат биле остварени конкретни резултати во области како економски раст, енергетска независност, инфраструктура, образование, културна заштита, судска реформа и евроатлантска интеграција. Таа посебно нагласи дека мандатот бил и личен пат низ училиштата, црквите, судниците и домовите на граѓаните, каде водела отворени и искрени разговори.
Амбасадорката ја повтори својата верба дека Северна Македонија има сила да ги надмине сите предизвици и дека САД секогаш ќе стојат покрај земјата како сојузник и евроатлантски партнер.
„Ја напуштам Северна Македонија со чувство на огромна благодарност и уверување дека заедничката визија за посилна, побезбедна и поблагосостојна земја ќе продолжи“, заклучи Агелер во својата проштална порака.

















