Административните гужви и чекањето по институции од денес официјално стануваат минато. Граѓаните можат со неколку клика да извадат извод на родени, венчани или починати, како и потврда за слободна брачна состојба преку државниот портал uslugi.gov.mk.
Новите дигитални услуги ги промовираа Стефан Андоновски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, со што се воведуваат четири дополнителни електронски сервиси наменети и за граѓаните и за правните лица.
За компаниите, за првпат е достапна целосно онлајн услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување. Услугата е достапна 24/7, без шалтери и без физичко присуство.
Физичките лица, пак, преку порталот можат електронски да извадат потврда за пријава или одјава во здравствено осигурување, потврда за статус дали се осигурени или неосигурени, доказ за платен придонес, како и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
За дополнителни информации, помош или техничка поддршка, граѓаните можат да стапат во контакт преку официјалниот контакт мејл наведен на порталот uslugi.gov.mk, каде што се достапни и сите упатства за користење на услугите.
Оваа дигитализација е уште еден чекор кон побрза, поефикасна и помалку бирократска администрација.

















