Започна продорот на многу ладен воздух директно од Сибир во нашата Република Македонија. Токму ова веќе условува формирање на секундарен снежен циклон и нагло и значително опаѓање на температурите, дури и за 10 до 15 степени пониски температури ќе имаме до вечерва во однос на оние кои ги имавме до вчера (сабота 5 април).
Во следните часови од север врнежите ќе се прошират насекаде во Македонија и повремено ќе бидат обилни и од снег најпрвин на повисоките населени места, планините и секако на Скијачките центри. Во текот на доцните попладневни часови од денешниот ден (недела 6 април) и вечерва врнежи од снег ќе има и во повеќето пониски места (градови).
Сето ова ќе биде проследено и со повремено силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 65 км/час). На планините и на Скијачките центри ќе се формира снежна покривка од 10 до 20 cм, а во овие делови снежната покривка понекаде ќе биде и со висина близу, па дури и над 30 cм снег. Во градовите пак, особено во западната половина од нашата Македонија ќе се формира снежна покривка со висина од 5 до 10 cм, понекаде таа ќе биде и малку повисока.
Во останатите делови од Македонија снежната покривка ќе биде делумна и многу мала, а во Повардарието и во југоисточните предели таа речиси и нема да ја има.
Што се однесува до Скопскиот регион, со овој ладен воздух од Сибир врнежи од снег ќе има особено на околните планини а потоа и во повисоките предели од котлината. Не се исклучува можноста слабо провејување на снег да има и во делови од пониските предели од котлината. И во Скопје и околината повремено ќе дува силен ветер од северен правец (во делови од котлината со брзина од над 60 км/час).
– Ги советувам возачите, доколку патуваат низ планинските превои да бидат крајно внимателни, поради очекуваните обилни снежни врнежи и појавата на голомразица поради ниските температури на воздухот. Исто така, поради силниот северен ветер можна е појава и на снежни наноси, вели Славчо Попоски.