Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека вечерва и во текот на ноќта се очекуваат обилни врнежи од дожд на целата територија на земјата. Во некои делови, врнежите ќе бидат посилни и со интензивен карактер.
Коритата на реките не се целосно исполнети, па има доволно простор за примање на новите врнежи. Сепак, се очекува зголемување на водостојот на сите реки низ земјата.
Во западните делови на Македонија се прогнозира значително покачување на водостоите и полнење на речните корита. Според некои метеоролошки модели, во источните и југоисточните региони исто така се очекуваат интензивни дождови (особено во текот на ноќта и утре), што може да доведе до зголемување на водостојот.
Поради очекуваните обилни и интензивни врнежи, во некои делови на земјата можни се одрони, свлечишта и проблеми во урбаните средини. Се препорачува претпазливост при движење близу реките и суводолиците.