До почетокот на 2027 година остануваат нешто повеќе од два месеца, а календарот веќе открива кои празници ќе им овозможат на граѓаните на Македонија продолжени викенди.
Според прелиминарниот распоред, следната година ќе има пет продолжени викенди за сите граѓани, поврзани со Нова година, Велигден, 24 Мај, 2 Август и 11 Октомври.
Првиот продолжен викенд ќе биде веднаш на почетокот на годината. Нова година, 1 јануари, се паѓа во петок, што значи три последователни слободни дена.
Православниот Велигден во 2027 година ќе се слави на 2 мај, а вториот ден, 3 мај, е понеделник и неработен ден.
Уште еден продолжен викенд следува на 24 мај, кога се одбележува Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“. Овој празник се паѓа во понеделник.
Во летниот период, 2 Август – Денот на Републиката, исто така ќе биде во понеделник, додека последниот продолжен викенд за сите граѓани ќе биде на 11 Октомври, Денот на народното востание.
Од друга страна, 1 Мај и 23 Октомври се паѓаат во сабота, додека 8 Септември и 8 Декември ќе бидат во среда.
Дополнителни слободни денови ќе има и за православните верници, бидејќи Велики Петок, 30 април, и Духовден, 18 јуни, се паѓаат во петок.
Календарот нуди добра можност за навремено планирање на патувањата и годишните одмори.
Сепак, конечниот распоред на неработни денови ќе биде потврден со официјалната програма за 2027 година.








