Од 1 септември 2026 година повторно ќе биде достапна железничката врска меѓу Зелениково и Скопје, со градски воз кој ќе сообраќа осум пати дневно во двата правца.
Возот од Зелениково ќе застанува на станиците Зелениково Ново, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче, а крајна станица ќе биде Железничката станица Скопје.
Првиот воз од Зелениково ќе тргнува во 6:20 часот, а потоа ќе има поаѓања во 8:30, 12:26, 14:00, 16:25, 18:30, 20:12 и 21:55 часот.
Во обратен правец, од Железничката станица Скопје, првиот воз ќе тргнува во 5:32 часот, а следните поаѓања се во 7:30, 11:40, 13:20, 15:42, 17:45, 19:12 и 20:56 часот.
Патувањето од Зелениково до Скопје ќе трае меѓу 24 и 28 минути, зависно од поаѓањето, додека во обратниот правец ќе трае меѓу 24 и 26 минути.
Возниот ред ќе важи од 1 септември до 31 декември 2026 година.
Новата железничка врска е особено значајна за жителите на Зелениково, Орешани, Драчево, Лисиче и околните населени места кои секојдневно патуваат кон Скопје.

Сепак, додека за дел од скопскиот регион се враќаат железничките врски, жителите на Велес и околните населени места и натаму се соочуваат со намален број патнички возови, што сериозно го отежнува секојдневното патување до Скопје и назад.
По македонските пруги моментално сообраќаат десет пара патнички возови – по три од Скопје за Битола и Велес и по два за Куманово и Гевгелија. Притоа, укинати се два воза од Скопје кон Велес и еден воз кон Битола, додека нема ниту меѓународни патнички возови кон Грција, Србија и Косово.
Намалувањето на бројот на возови е особено значајно за Велес, кој со децении има силна железничка поврзаност со Скопје и претставува една од најважните точки на македонската железничка мрежа. За голем број граѓани возот е поевтина и попрактична алтернатива за патување до работа, училиште, факултет или здравствена установа.
Дополнително, железничкиот сообраќај кон Кичево и Кочани не функционира од мај 2021 година, а граѓаните од овие региони се принудени да користат други видови превоз.
Враќањето на линијата Зелениково–Скопје повторно го отвора прашањето за подобрување и проширување на железничкиот превоз и кон Велес и останатите градови, наместо намалување на бројот на патнички линии.










