Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“, а сведочеше пациентка која примала комбинирана хемотерапија и имунотерапија. Таа откри дека ѝ била дадена терапија надвор од редовните протоколи и без да биде внесена во регистарот на клиниката.
Пациентката објасни дека при деветтата посета, лекарот Нино Васев ѝ соопштил дека лекот е во дефицит и дека останале само три шишенца. Васев ѝ рекол дека поради нејзината возраст лекот ќе има „повисока ефективност“ и ѝ дал едно шишенце, без тоа да биде запишано во службената документација.
„Сè беше направено неформално, без вообичаениот упат и без потписи од матичниот онколог и директорот. Не ми побараа пари, но тоа што не беше запишано – тоа ми остана прашање до денес“, рече таа.
Пациентката истакна дека се пријавила да сведочи бидејќи сметала дека има граѓанска должност да го сподели искуството. Одбраната на Васев реагираше дека ваков настан не се случил и побара обвинителството да се држи до финансиските аспекти на случајот, а не да навлегува во медицински процедури.
















