Полициски службеници од СВР Скопје спроведоа акција во скопското село Арачиново, при која беше уапсен 25-годишен жител, а запленета е поголема количина марихуана.
Акцијата била реализирана на 24 јули по наредба на Основниот кривичен суд Скопје, при што припадници на Единицата за недозволена трговија и Единицата за интервентна полиција извршиле претрес во домот и други простории што ги користел Б.Н. (25).
За време на претресот, полицијата пронашла повеќе од два килограми марихуана, како и дигитална вага на која имало остатоци од наркотичната дрога.
Осомничениот веднаш бил лишен од слобода, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик, по итна постапка.







