Повеќе од пет месеци по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени, јавноста сè уште нема официјални информации за здравствената состојба на фронтменот на дуото ДНК, Владимир Блажев – Панчо.
Според првичните информации од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, Панчо бил во стабилна состојба и вон животна опасност, сместен во единицата за интензивно лекување. Во наредниот период, негови соработници откриваа дека тој продолжува да се лекува, без да откриваат повеќе детали за неговата состојба.
„Тој нема мобилен телефон, имаме слушнато само преку мобилниот на неговата сопруга. По трагедијата беше ставен во медицински индуцирана кома и долго време беше хоспитализиран во болницата Систина. Според последните неофицијални информации, бил префрлен во клиниката Филип Втори. Имаше тешки изгореници на главата и рацете, тоа е сè што знаеме“, изјавија соработници на музичарот.
Обвинителството во јуни поднесе обвинение за тешки дела против општата сигурност против 34 физички и три правни лица поврзани со пожарот. За Панчо, истрагата беше прекината додека е на лекување. Меѓу обвинетите се и управителот на агенцијата за обезбедување и четворица припадници на обезбедувањето, поради тоа што дозволиле малолетници да влезат во објектот и не спречиле внесување непријавена пиротехника од групата „ДНК“.
Пожарот во „Пулс“ е една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија – загинаа 62 лица, над 150 беа со тешки повреди, а околу 50 со полесни повреди. Меѓу загинатите беше и Андреј Ѓорѓиески од дуото, како и седум лица од тимот на ДНК.