По повод годинашното издание на „Тиквешки гроздобер 2026“, Општина Кавадарци упати известување и покана до граѓаните за заедничко уживање во една од најзначајните и најпрепознатливи манифестации во градот.
Од Општината истакнуваат дека „Тиквешки гроздобер“ е многу повеќе од забава – тој претставува празник на песната, културата и традицијата, но и можност Кавадарци пред бројните посетители да го покаже својот препознатлив дух и гостопримство.
Во пресрет на богатата програма, граѓаните и посетителите се повикуваат да се забавуваат одговорно, да се грижат за себе, за другите и за околината, како и да ги почитуваат законите и прописите.
Пораката е празнувањето да помине во атмосфера на радост, пријателство, достоинство и заедништво, а градот да остане уреден и пријатен за сите кои ќе бидат дел од годинашната манифестација.
Од Општина Кавадарци изразуваат уверување дека со заедничка одговорност ќе бидат создадени уште многу убави спомени од „Тиквешки гроздобер 2026“.
„Нека овој ‘Тиквешки гроздобер 2026 – Кавадарци’ биде празник што ќе го паметиме по убавината, пријателството и нашата заедничка грижа за градот под отворено небо“, се наведува во известувањето.







