Општина Кавадарци објави јавен повик до сите заинтересирани семејства кои сакаат да бидат домаќини на волонтери од Мировниот корпус, што ќе престојуваат во градот од 26 септември до 3 декември 2026 година.
Од Општината информираат дека програмата претставува можност за запознавање нови култури, создавање пријателства и стекнување уникатно меѓународно искуство.
Семејствата кои ќе бидат избрани треба да:
- имаат желба и подготвеност да примат волонтер во својот дом;
- обезбедат посебна соба за волонтерот;
- понудат пријатна и поддржувачка семејна атмосфера.
За време на престојот на волонтерите, семејствата домаќини ќе добиваат надоместок од 6.500 денари неделно.
Од Општина Кавадарци посочуваат дека програмата е одлична можност за размена на искуства, меѓукултурно поврзување и создавање пријателства со луѓе од различни земји.
За повеќе информации и пријавување, заинтересираните можат да се обратат кај контакт-лицето Томе Станковски на телефонскиот број 071 386 041







