Гостиварец останал без 34.785 денари откако бил измамен преку оглас за продажба на книги објавен на специјализирана веб-страница.
Случајот бил пријавен на 8 октомври во 17:30 часот во ОВР Гостивар од 53-годишен жител на Гостивар.
Според неговата пријава, откако го објавил огласот за продажба на книгите, го контактирало лице кое се претставило како М.П. од Грција.
Наводниот купувач му испратил линк, за кој му било кажано дека служи за уплата на средствата за книгите. Гостиварецот го отворил линкот, ги внел податоците од својата банкарска картичка и ја авторизирал трансакцијата.
Набргу потоа забележал дека од неговата сметка биле повлечени 34.785 денари, по што сфатил дека станал жртва на измама.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и за утврдување на сите околности поврзани со измамата.





