Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно ги усвои измените на Правилникот со кој се утврдуваат критериумите за привремена спреченост за работа, односно условите под кои се користи боледување.
Од ФЗО посочуваат дека со новите правила не се укинува или скратува правото на боледување, ниту пак се поставува ограничување на неговото времетраење во случаи кога постои медицинска потреба.
Матичниот лекар и понатаму ќе има можност самостојно да утврди боледување во траење до 15 дена. За боледување подолго од 15 дена, одлуката и понатаму ќе ја носи лекарската комисија на ФЗО.
Од Фондот посебно ја појаснуваат промената од седум на пет дена, која, како што велат, не значи дека боледувањето автоматски престанува на петтиот ден.
Станува збор за период по кој, доколку здравствената состојба на пациентот и понатаму не дозволува враќање на работа, се применуваат медицинските критериуми утврдени за конкретната дијагноза.
Така, доколку пациентот добие боледување поради одредено заболување, матичниот лекар може да го отвори боледувањето. Ако и по петтиот ден пациентот не е способен да се врати на работното место, лекарот ќе процени дали се исполнети условите предвидени за конкретната дијагноза за боледувањето да продолжи.
Од ФЗО нагласуваат дека тоа не значи дека пациентот мора да се врати на работа на шестиот ден. Доколку постои медицинска оправданост, боледувањето продолжува согласно утврдените критериуми.
Измените носат и низа олеснувања за пациентите и матичните лекари. За одредени дијагнози повеќе нема да биде задолжително упатување за лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар. Кај дел од заболувањата дополнително се проширува и временскиот период предвиден во критериумите.
Нова е и постапката за продолжување на боледувањето по истекот на 15 дена. Наместо досегашното доставување предлог преку рачна процедура, матичниот лекар ќе го испраќа предлогот електронски до Фондот.
Дополнително се прошируваат ситуациите во кои боледувањето може да биде утврдено без физичко присуство на осигуреникот. Ова особено се однесува на тешко болни, неподвижни и тешко подвижни пациенти, како и на лица кои се на болничко лекување.
Кај лицата со хронични заболувања ќе може да се користат веќе постојните дијагностички наоди доколку тие сè уште се важечки. Со тоа се избегнува непотребното повторување на исти медицински испитувања.
Со новите правила дополнително се прецизираат и условите под кои, во оправдани ситуации, може ретроактивно да се утврди боледување.
Предвидени се и одредени олеснувања за бремени жени и доилки во ситуации кога станува збор за радиодијагностички испитувања кои вклучуваат јонизирачко зрачење.
Од ФЗО наведуваат дека измените се подготвувале во текот на повеќемесечна стручна работа и анализа. Целта, според Фондот, е критериумите да се усогласат со современите медицински достигнувања, но истовремено да се намалат непотребните административни процедури и оптоварувања и за пациентите и за лекарите.





