Повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност биле идентификувани како спорни во досегашните проверки на системот, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Според неговите тврдења, меѓу лицата за кои биле исплаќани средства од државниот буџет имало починати лица, граѓани кои се иселиле од земјата, но и фиктивни корисници.
„До овој момент имаме повеќе од 4,5 илјади, значи не 45, не 450, туку 4,5 илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека по спроведените детални анализи и теренски контроли, износот што треба да се исплати за овој месец е за околу 200 милиони денари понизок во споредба со истиот период минатата година.
Мицкоски објасни дека намалувањето, според него, е резултат на откривањето на лица кои не требало да бидат во системот како корисници.
„Како е тоа возможно? Возможно е затоа што корисници биле, за жал, починати луѓе, отселени луѓе, лажни луѓе и така натаму“, изјави премиерот.
Тој направи и пресметка според која на годишно ниво од државниот буџет се издвојувале повеќе од една милијарда денари, а сумата во одредени случаи достигнувала и до 1,5 милијарди денари за вакви исплати.
Проверките, сепак, сè уште не се завршени. Како што посочи Мицкоски, останува да се проверат уште приближно една петтина до една шестина од вкупниот број корисници опфатени со контролите.
Премиерот најави дека проверките нема да завршат само кај гарантираната минимална помош и социјалната сигурност. Според него, контролите ќе продолжат и во други области, меѓу кои го посочи и здравствениот сектор, со цел да се утврди дали и таму постојат слични можности за заштеда на јавни средства.
Мицкоски оваа проверка ја опиша како реформа која има финансиски ефект од околу 25 милиони евра годишно.
„Некој ќе рече: ‘Добро, па тоа е една обична проверка, за каква реформа зборувате?’ Реформа која е 25 милиони евра“, рече тој.
Премиерот додаде дека доколку слични заштеди се постигнат и во други сектори, ослободените средства би можеле да се пренасочат кон капитални инвестиции. Според него, таквите инвестиции би можеле да создадат услови за привлекување нови инвестиции во земјата.





