Пензионерите немаат причина за загриженост во однос на редовноста на пензиите, бидејќи пензискиот систем во земјава во моментов е стабилен и сигурен, оцени премиерот Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека Владата смета оти состојбата е стабилна и дека во истиот правец ќе се продолжи и во иднина.
„Во моментот имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Не треба апсолутно никој да се грижи. Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите“, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна и дека актуелната Влада ги зголемила пензиите, оценувајќи дека просечниот раст бил поголем од оној во кој било претходен владин мандат во периодот на независноста на државата.
Во однос на обезбедувањето средства за исплата на пензиите, Мицкоски рече дека средства има, но дека потребно е да се откријат и отстранат злоупотребите.
„Парите се тука, но парите треба да се пронајдат онаму каде што се злоупотребуваат и да се насочат онаму каде што тие пари се потребни“, додаде премиерот.
На прашањето дали Владата размислува за постепено зголемување на старосната граница за пензионирање, Мицкоски кратко одговори дека засега таква промена не се разгледува.
Изјавата доаѓа во период кога Фискалниот совет предупреди на растечкиот фискален притисок врз пензискиот систем. Според анализата презентирана на 5 октомври, структурниот дефицит на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во 2025 година достигнал 54,4 милијарди денари, што претставува околу 5,2 проценти од БДП.
Во анализата се наведуваат повеќе можни мерки за подобрување на одржливоста на системот. Меѓу нив се постепено зголемување на стапката на придонесите за пензиско осигурување од 18,8 на 20 проценти, зголемување на старосната граница за пензионирање за една година, можност за подолго доброволно продолжување на работниот однос, повисока минимална пензија и напуштање на ад-хок зголемувањата на пензиите.
Фискалниот совет предупредува дека без структурни реформи дефицитот би можел дополнително да се зголемува во наредните години. Според објавените анализи, тој би можел да достигне околу 6,6 проценти од БДП во периодот од 2035 до 2037 година.
Дополнителен притисок создава и односот меѓу бројот на осигуреници и пензионери, кој според анализите се влошува поради демографските движења, нискиот наталитет и иселувањето.
И покрај овие предупредувања и предлози за реформи, ставот на премиерот е дека барем засега Владата не планира постепено зголемување на старосната граница за пензионирање.





