ПРВ.мк
Македонија

Објавен конкурсот за наградата „8 Септември“ за 2026 година, за остварувања во спортот

Објавен конкурсот за наградата „8 Септември“ за 2026 година, за остварувања во спортот

Министерството за спорт денеска, 30 април 2026 година, го објави конкурсот за доделување на државната награда „8 Септември“ за 2026 година, врз основа на одлуката на Одборот за доделување на наградата за остварувања и продонес во спортот.

Со државната награда „8 Септември“ се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во спортот, врз основа на номинации доставени од националните спортски федерации.

Во една година може да се доделат најмногу до пет награди, од кои една е за животно дело, а четири се еднократни награди за остварувања во спортот.

Кандидатурата за награда за животно дело ја доставува матичната национална спортска федерација, поддржана од најмалку десет национални спортски федерации. Според пропозициите, една национална спортска федерација може да даде поддршка на најмногу тројца кандидати за наградата за животно дело.

Кандидатот кој поднесува иницијатива за награда за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на Република Македонија на меѓународен план, во својата документација задолжително треба да приложи документ како доказ дека неговата номинација е верификувана од страна на УО на соодветната национална спортска федерација.

Доколку биде поднесена иницијатива за кандидат кој согласно Уредбата за определување на условите и начинот на доделување на национално спортско признание за врвно спортско остварување, се стекнал со ова признание, истата нема да биде предмет на натамошно разгледување.

Паричниот износ на наградата „8 Септември“ за животно дело во делот на спортот е доживотна месечна исплата на една просечна плата исплатена во последните три месеци во тековната година.

За четирите еднократни награди „8 Септември“ со кои се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот, може да конкурираат поединци, спортски клубови, национални спортски федерации и други организации од дејноста спорт.

Паричниот износ на оваа награда изнесува десет просечни плати исплатени во последните три месеци од тековната година.

Конкурсот за наградите „8 Септември“ за остварувања во спортот трае од 30 април до 28 мај 2026 година.