ПРВ.мк
Македонија

Нови чекори во онкологијата: Клековски ја отвора темата за долгорочен национален план

Нови чекори во онкологијата: Клековски ја отвора темата за долгорочен национален план

Министерот за здравство Сашо Клековски оствари средба со претставници на ХЕМА-ОНКО, на која биле разгледани клучните предизвици и приоритети за унапредување на грижата за пациентите со рак.

Во фокусот на разговорите биле подобрувањето на опфатот на скрининг-програмите за рак, особено за рак на дојка и рак на грлото на матката, како и забрзувањето на пристапот до онколошка дијагностика, вклучително радиолошка и хистопатолошка дијагностика.

Посебно внимание било посветено и на обезбедувањето континуитет во онколошката терапија, со цел пациентите навремено и без прекини да ја добиваат потребната терапија.

На средбата, ХЕМА-ОНКО ја презентираше и иницијативата за воспоставување Национален центар за координација и контрола на ракот, кој би ги поврзал институциите, здравствените работници, пациентските организации и меѓународните партнери во изработка на долгорочен, 10-годишен национален план за контрола на ракот.

Клековски ја истакна подготвеноста на Министерството за здравство за продолжување на отворениот дијалог и иницираше средба со сите релевантни чинители до крајот на месецот.

Министерот им се заблагодари на претставниците на ХЕМА-ОНКО за нивната посветеност и конструктивниот придонес, потенцирајќи ја важноста од заедничко и системско дејствување во интерес на пациентите.