Со насмевки, возбуда и нови очекувања денеска започна новата учебна година во училиштата на територијата на Општина Кавадарци. Посебен беше денот за 280 првачиња, кои за првпат го слушнаа училишното ѕвонче и започнаа ново поглавје од своето образование.

По повод првиот училишен ден, раководителката на Секторот за образование и спорт при Општина Кавадарци, Јасминка Чулева, го посети ООУ „Димката Ангелов Габерот“, каде на учениците, наставниците и родителите им посака успешна и среќна учебна година.

Најголемо внимание беше посветено токму на првачињата, за кои 1 септември претставува почеток на едно ново животно патување исполнето со знаење, нови другарства, предизвици и успеси.

Од Општина Кавадарци на сите 280 првачиња им посакаа многу насмевки и успешни училишни денови, а на останатите ученици – уште една година исполнета со знаење и постигнувања.

Беа упатени желби за успешна работа и до наставниците, кои ја имаат една од најважните улоги во образованието и развојот на младите генерации, како и до родителите кои се нивна постојана поддршка.

Општина Кавадарци и во новата учебна година продолжува со заложбите за создавање подобри услови за образование и развој на најмладите.







