Хрватската инфлуенсерка и блогерка Кристина Ковачевиќ Хитрец ненадејно почина, оставајќи зад себе шест деца и голем број следбеници кои со години ги следеа нејзините приказни за семејството и мајчинството.
Кристина беше авторка на популарната фејсбук-страница „Мамин блог“, преку која со години отворено пишуваше за секојдневието на една мајка, семејниот живот, родителството и предизвиците со кои се соочуваат родителите.
Нејзината животна приказна и искуствата што ги споделуваше ја направија препознатлива кај голем број луѓе во Хрватска и пошироко. Нејзиниот блог го следеа повеќе од 100.000 луѓе, а преку него таа не се занимаваше само со теми поврзани со семејството, туку активно се вклучуваше и во хуманитарни иницијативи.
Особено се истакна по разорниот земјотрес што ја погоди Бановина, кога активно учествуваше во организирањето помош за луѓето погодени од природната катастрофа.
Преку своите активности помагала во собирањето и доставувањето донации до оние на кои им била потребна помош. Нејзиниот ангажман во хуманитарните акции бил препознаен и официјално.
За својата работа и несебичното помагање на други луѓе, Кристина ја добила престижната награда „Пркос на Хрватска“ (Ponos Hrvatske).
Нејзината хуманитарна работа е забележана и во официјален документ на Градот Златар од 2022 година. Во документот таа е наведена како хуманитарка која преку својот блог им помагала на лица што се наоѓале во социјален ризик.
Во истиот период била вклучена и во координацијата на помошта за подрачјата погодени од земјотресот во Сисачко-мославачката жупанија.
Нејзината помош не била ограничена само на локалното население. Кристина се вклучила и во активности поврзани со згрижувањето на бегалци од Украина по почетокот на војната.
Градот Златар во 2022 година ѝ доделил и посебно признание за нејзиниот придонес во акцијата „Со големо срце за топол дом“, со што дополнително бил нагласен нејзиниот ангажман во помагањето на луѓето.
Покрај јавниот и хуманитарниот ангажман, Кристина била мајка на шест деца. Особено потресен е податокот дека најмалото дете го родила во април, само неколку месеци пред нејзината ненадејна смрт.
Со нејзиното заминување не остана празнина само во нејзиното семејство, туку и меѓу илјадниците луѓе кои преку „Мамин блог“ со години го следеа нејзиниот живот, размислувањата за родителството и нејзините активности во помагањето на други семејства.
Кристина Ковачевиќ Хитрец ќе остане запаметена како мајка, блогерка и хуманитарка која својата јавна платформа ја користела и за да привлече внимание кон луѓето на кои им била потребна помош.









