Периодот на мирни односи меѓу Грција и Турција не траеше ниту три години. По разорниот земјотрес во Турција во февруари 2023 година и големата помош што Грција потоа ја пружи, двете соседни земји почнаа да се приближуваат и во декември 2023 година ја потпишаа Атинската декларација за пријателски односи и добрососедство. Декларацијата имаше позитивен ефект врз двата народа – но сега се чини дека тој ефект исчезна.
За време на тој необично долг период на мир, двете влади не ги презедоа потребните чекори за решавање на грчко-турските спорови – пред сѐ околу разграничувањето на морето. Затоа сега дури и една мерка која, барем теоретски, би требало да служи за заштита на животната средина, повторно доведе до тензии во билатералните односи.
Повод за новите тензии беше прогласувањето на два морски парка во Егејското Море и источниот Медитеран што Турција го објави на 15 август. Паркот на североистокот на Егејското Море опфаќа заштитено подрачје во водите меѓу грчките острови Лимнос и Самотраки. Јужниот парк се наоѓа источно од Родос и го опфаќа грчкиот остров Кастелоризо.
Грција и Турција веќе со децении се спорат околу разграничувањето на своите поморски граници во Егејското Море, како и за економските права и барања поврзани со тие граници, вклучувајќи го и правото на експлоатација на ресурси како нафтата.
Грчкото министерство за надворешни работи веднаш реагираше на најавата и прогласувањето на парковите го означи како „противправно“. Прогласувањето на турските морски паркови во подрачја надвор од турските територијални води, се наведува во соопштението, нема правно дејство.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на седница на владата на 24 август нагласи дека сака да негува добри односи со соседите. Сепак, „подрачјата под грчки суверенитет произлегуваат од меѓународното право“, рече тој. Грција, додаде тој, е „во секој момент подготвена да ги брани“.
Натпревар во заштита на морето?
Нешто повеќе од една година претходно и Грција најави два морски парка, на Јонските Острови и во јужните Киклади – но во рамките на грчките територијални води. Турција тогаш во соопштение порача: „Едностраните мерки треба да се избегнуваат во затворени или полузатворени мориња, како што се Егејското и Средоземното Море.“
Сепак, Турција сега и самата, без претходен договор, прогласи сопствени морски паркови. Морските национални паркови се големи заштитени подрачја на море, наменети за заштита на чувствителните морски екосистеми. Сепак, се чини дека заштитата на природата во најавите на двете земји имаше, во најдобар случај, споредна улога.
Кога Грција и Турција навистина би биле загрижени за морскиот свет во еколошки чувствителното Средоземно Море, сигурно би пронашле начин заеднички да работат на неговата заштита. Наместо тоа, прогласувањето на морските паркови изгледа како нова тактика за покажување доминација над спорното морско подрачје – најново поглавје во спорот во Егејското Море кој трае веќе со децении.
Доктрина „Mavi Vatan“
Грција е уверена дека Турција морските паркови ги гледа како средство за доведување во прашање на суверените права на грчките острови. Атина се плаши дека прогласувањето на двата парка е дел од турската ревизионистичка доктрина „Mavi Vatan“, што на турски значи „Сина татковина“.
Со таа доктрина Турција полага право на ексклузивните економски зони (ЕЕЗ) на Грција и Кипар – морски подрачја во кои крајбрежната држава има посебни права, на пример во риболовот или експлоатацијата на природните ресурси. Покрај тоа, Анкара го доведува во прашање и суверенитетот над бројни грчки острови и островчиња.
Оваа доктрина досега беше пред сѐ од теоретско-стратешка природа. Сега, меѓутоа, преку законски иницијативи во турското Национално собрание се работи на нејзино спроведување. Турција намерува на тој начин да ги формализира своите барања за поголема контрола над делови од Егејското Море и источниот Медитеран.
Вечна закана
Самата Грција е задоволна со статус-квото во Егејското Море, но се чувствува загрозена од страна на незадоволната Турција, која е воено значително подобро вооружена. Поради тоа Грците интензивно инвестираат во борбени авиони, фрегати, подморници и системи за противвоздушна одбрана. Откако неколку години значително помалку издвојуваше за увоз на вооружување, Грција, според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), од 2021 до 2025 година заземаше 19. место во светот меѓу најголемите увозници на големи системи на вооружување.
Дури и кога Атина склопува нови или ги зацврстува постојните сојузи, факторот Турција секогаш игра одредена улога. Така грчката влада во 2021 година, и покрај противењето на грчката опозиција, испрати ракетни системи „Patriot“ во Саудиска Арабија за да ги заштити саудиските рафинерии од напади на Хутите – во време кога Саудијците беа во политички конфликт со Анкара. За време на државната посета кај саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, премиерот Мицотакис изречно зборуваше за „дестабилизирачката и контрапродуктивна“ улога на Турција.
Во меѓувреме односите меѓу Анкара и Ријад се подобрија. Турција на 7 август 2026 година заедно со Саудиска Арабија и Пакистан го потпиша Одбранбениот пакт од Мека, важен договор за заедничка одбрана.
„Железна купола“ за Грција
Имајќи ја предвид Турција, Грција воспостави и стратешка соработка со Израел. И покрај силните критики во Грција поради катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, премиерот Мицотакис и понатаму негува блиски односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Во грчкото министерство за одбрана ѝ се восхитуваат на израелската воена технологија и планираат одбранбен штит над Егејското Море по модел на израелската „Железна купола“. Проектот е помпезно наречен „Ахилов штит“, а би требало да штити од сите замисливи закани – соодветно и од соседот – и да биде целосно оперативен од 2029 година.
Засега грчкиот премиер Мицотакис и понатаму се обидува да задржи помирувачки тон кон Турција. Сепак, најдоцна во пролетта 2027 година во Грција ќе се одржат нови парламентарни избори. Колку повеќе изборите се приближуваат, толку за Мицотакис би можело да биде поголемо искушението да ја одигра улогата на голем патриот – и повторно значително да ја заостри реториката кон Турција.








