Вработен во Основниот суд во Гостивар е лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, на 20 јануари 2026 година во 20:10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Ростуше го уапсиле А.Ј. (49) од селото Присојница, Општина Маврово и Ростуше. Приведувањето следувало по пријава од Н.А. од селото Калиште, Општина Врапчиште, кој тврдел дека осомничениот му понудил за паричен надомест од 100 евра да избрише судска казна од 200 евра и изречена забрана за управување со моторно возило во траење од шест месеци.
Според пријавата, А.Ј. тврдел дека документацијата пристигнала кај него и дека може да „заврши работа“. Средбата била закажана во угостителски објект во Гостивар, но пријавителот го информирал дека е новинар и дека разговорот се снима. Осомничениот се обидел да се оправда дека станува збор за шега и се обидел да побегне.
А.Ј. е задржан во полициска станица, а по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.

















